Македонија

Греење и ладење во Македонија

Во Македонија има околу 550.000 домаќинства. Годишната просечна потрошувачка на енергија во постоечките објекти во Македонија е грубо проценета на 220 kWh/m2. За греење најмногу се користи електрична енергија - во 2011 година, 52% од потрошената енергија во домаќинствата била електрична енергија. Биомасата, т.е огревното дрво, има втор најголем удел со 31%, додека топлината од централното греење учествува со 6,7%, а лесното масло за греење со 8%. Ова се резултати од анкета спроведена во домаќинствата според која 74% од сите домаќинства се греат со помош на печки на цврсти горива, 14% се греат со помош на печки на електрична енергија, додека само 6,2% се поврзани на централно греење, а 5,5% имаат приватно централно греење.

Централно греење во Македонија постои само на три локации - Скопје, Битола и Каменица, од кои тоследните два система не работат веќе неколку години. Во мрежата за централно греење во Скопје, испораките до крајните потрошувачи се мерат во подстаници или во одделните куќи. Цената за греење во становите во зградите се определува според грејната површина на станот. Не постои посебно мерење во секое домаќинство. Системот бил проширен во периодот 1990-2000 како резултат на изградбата на нови згради кои биле погодни за поврзување со системот за централно греење. Во последниве години, стапката на нови поврзувања со системот за централно греење е намалена. Тој во Скопје се одликува со стари бојлери (на мазут и природен гас) и значителни технички загуби во дистрибуцијата. Од друга страна, новите когенеративни постројки се со подобар квалитет. Постојат и планови за претворање на две постројки за производство на електрична енергија во когенеративни постројки и да се искористи топлината за централно греење на Битола.

Сѐ уште, по речиси две декади од воведувањето на природниот гас, не е возможно да се постигне значителен развој и ширење на природниот гас во Македонија, дури ни во Скопје кое, поради густата населеност и големата индустриска активност, би претставувало еден од најпогодните кандидати за зголемување на потрошувачката на гас. И покрај тоа, според планот за гасификација, потрошувачката на гас во домаќинствата, терцијалниот и индустрискиот сектор се очекува значително да порасне поради проширувањето на новата мрежа за гасификација во повеќе од 50 општини. Мали системи за централно греење и ладење базирани на обновливи извори на енергија не постојат во државата и не се експлицитно адресирани во релевантните стратешки и плански документи. Постои широк спектар на препреки за развојот на овие технологии меѓу кои се: недостатокот на техничко знаење и капацитети, поволна и поттикнувачка легислативна/регулаторна рамка и финансирачки шеми за мобилизирање на инвестиции како и недостатокот на капацитети на локалните власти за планирање и дизајнирање на вакви проекти.

Општина Карпош (население: 60.000; површина: 35km2) е лоцирана во северозападна Македонија, во централно-западниот дел од Град Скопје. Карпош е една од десетте општини во Скопје со дванаесет урбани и две рурални единици и претежно е покриена со скопската мрежа за централно греење.

Општината Карпош е единствена општина во Република Македонија која на локално ниво воведе субвенционирање на енергетски ефикасни градби и примена на обновливи извори на енергија во системите за греење и ладење со повраток на средства од буџетот на Општината во износ од 15% до 20% од делот на комуналната такса. Во периодот 2012 до 2015 година, од вкупно изградените 244 објекти, 117 влегуваат во А+, А и Б класа, а од нив 68 објекти имаат вградено системи за греење и ладење со топлински пумпи. Со Стратегијата за развој на Општината до 2019 год и Програмите за Енергетска ефикасност (2008-2012 и 2013-2016) сите реконструирани објекти кои се во надлежност на Општината (вкупно 20 училишта и градинки, од кои веќе 14 се целосно реконструирани) треба да ги заменат котлите на нафта со центрлани системи за греење базирани на обновливи извори на енергија до крајот на 2018 година. Досега, три објекти имаат системи за греење и тоа два система со топлински пумпи вода/вода и еден систем на биомаса - дрвен чипс (во реализација). Исто така, преку Програмата за обнова на фасадите на колективните згради за домување Општината досега реконструираше 13 фасади на колективни згради со термоизолација и нова столарија. Карпош, како македонска општина која е пионер во областа на локален одржлив енергетски развој има голем интерес да ги процени техничките, нетехничките и економските аспекти и да го промовира концептот на мали мрежи за централно греење и ладење на избрани локации. Тие локации би можеле да вклучат населби кои не се поврзани на мрежата за централно греење, а содржат стотици куќи кои користат електрична енергија или биомаса за греење, на пр. Жданец и Бардовци, и/или воениот комплекс „Илинден“ кој има голема потрошувачка на енергија поради греење и санитарна топла вода, а притоа и екстремно високи трошоци за енергија.

Karposh

Соработка со заедници - следбеници:

Заедниците во улога на следбеници ќе имаат можност да учат од CoolHeating процесот на иницирање на нови проекти. Споделувањето на информации со претставници од овие заедници и заеднички настани ќе го мултиплицираат резултатот на CoolHeating. Во Македонија, следниве три заедници ќе имаат улога на следбеници:
• Општина Кисела Вода
• Општина Чаир
• Општина Струмица

News / Events

CoolHeating Coordination

wip

WIP Renewable Energies

Sylvensteinstr. 2
81369 Munich
Germany

Phone: +49 89 720 12 735
Fax: +49 89 720 12 791
www.wip‐munich.de

Contact

Dominik Rutz
[email protected]
Phone: +49 89 720 12 739

 

GDPR - Data Protection
Imprint

Co-Funder

eu

This project has received funding from the European Union’s Horizon 2020 research and innovation programme under grant agreement No 691679.

Social Media